Борис Роглев
Универзитетот во Ферара беше мој дом изминатиот зимски семестар. Славеше 628 години постоење. Продуцирал умови како Парацелзус, Никола Коперник, Фалопио и Брасавола. Вистинска чест беше да се почувствува тежината и историјата на местово.
За магливата Ферара, ситуирана во Северот на Република Италија поточно во регионот Емилија-Ромања ќе речам дека е волшебен град. Ѕидините и дворецот зачувани од забот на времето, направени уште во Средниот Век - се доказ за моќта на фамилијата Естенсе. Модернизирана и современа, денес претставува град на велосипедите. Препознатлива по традиционалната кујна со рецепти како „cappellacci con la zucca”, „pampapato”, „torta tenerina” и „coppia ferrarese” кои дури и најпребирливите вкусови ги задоволуваат.
Факултетот за Медицина и Хирургија беше во склоп на Универзитетската болница „Кона” која се состоеше од повеќе клиники и амфитеатри за предавање . Најнапредни услови за практицирање медицина базирана на докази, изобилие од ресурси и голем број на лекари-специјалисти кои секојдневно ја обавуваат својата должност на највисоко ниво. Најсилен впечаток ми остави фер односот и максималниот третман на лекарот кон пациентот, карактеристика кое се надевам еден ден ќе можам да ја применам.
Добрата патна поврзаност на градот овозможи многу патувања во околните градови. Болоња, Падова, Верона, Комакио и секако вечната Венеција, неповторливата Фиренца, кривата Пиза, метрополата Рома и јужниот Наполи имаа многу што да понудат за време на слободните викенди. Туризмот во Италија го препорачувам во големи дози.
Преку многуте предизвици и урнати бариери стекнав искуство кое ми ги прошири хоризонтите. Незаборавно патување во различна средина, учење на нов јазик и стекнување нови познанства.
Еразмус еднаш, Еразмус засекогаш.