Анкица Штерјова
Студент при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип
Слушајќи позитивни искуства од други студенти кои веќе биле и искусиле како е да си дел од Еразмус + програмата и јас одлучив да аплицирам и да бидам дел од истото. Моето прво Еразмус искуство беше во Шпанија, една од моите омилени земји. Шпанија е земја која што за мене остави посебен впечаток и ме воодушеви на многу посебен начин. Тоа е земја која што постојано живее. Улиците се преполни со туристи и позитивни лица. Убавите и осветлени улици, убавите градби кои имаат посебна историја секоја за себе, звукот на морето и ноќниот живот будат постојано позитивни вибрации. Шпанија остави посебна трага која ќе ја паметам цел живот. Запознав многу пријатели од целиот свет. Сите беа со различна боја на кожата, различни нации и религии, а длабоко во сите нас имаше една иста цел, да создадеме моменти кои што нема да се заборават никогаш. Се дружевме постојано, поточно бевме како една голема фамилија. Секој месец имавме организации од секаков карактер, од кои повеќето беа од забавен карактер како и патувања на значајни места. Во поглед на предавањата и начинот на студирање се стекнав со големо искуство, го подобрив англискиот јазик на повисоко ниво, предавањата беа интерактивни што е голем плус за мене, како и задоволителната посветеност од страна на професорите за било каков проблем.
Единстевената работа за која што се каам е тоа што не аплицирав порано за да имам можност како Еразмус студент да посетам и други земји. Според мене секој студент кој сака да патува, да стекнува нови искуства, пријателства и запознавање на други култури треба да аплицира и да биде дел од Еразмус + програмата, а верувам дека нема таков што не би отишол.