Андреа Ристовска
Студент на Економски факултет при Универзитетот „Гоце Делчев”- Штип
Како личност која сака да патува и да истражува, да ги запознава различните култури и јазици, Еразмус плус програмата беше совршен избор за мене. Единствено нешто за кое се каам е тоа што не аплицирав порано. Запознав многу студенти од речиси цел свет, се дружевме во текот на целиот престој таму и морам да кажам дека поминавме многу убав период заедно, направивме многу нешта, кои ќе останат како преубави спомени запечатени засекогаш во моите сеќавања.
Мојот избор беше Шпанија, омилената земја што сакав некогаш да ја посетам и да имам прилика да живеам во неа цел семестар. Покрај прекрасното сончево време и преубавото крајбрежје, луѓето беа пријателски настроени, богатата шпанска кујна беше извонредна, а историските градби кои се светски познати, пленеа со својата мистичност и убавина.
Јас како студент на Економски факултет при Универзитетот „Гоце Делчев”- Штип, бев еразмус студент во Универзитетот „Jaume I”- Castellon de la Plana. Таму поврзаноста и комуникацијата помеѓу професорите и студентите беше на задоволително ниво, комунициравме отворено за сите проблеми. Нивните предавања таму се поразлични од нашите, со што можам да кажам дека се стекнав со многу искуства. Англискиот јазик го подобрив и тоа со сигурност, вокабуларот го збогатив со многу нови зборови, а комуникацијата во прв план, бидејќи претежно кумунициравме на англиски јазик.
За Еразмус плус програмата имам само пофални зборови, и го препорачувам на сите студенти, бидејќи тоа е приказна која ви се случува еднаш, а ќе ја паметите и прераскажувате цел живот.