Бојана Димитрова
Електротехнички факултет
Го даваш првиот чекор кон канцеларијата на Еразмус и тоа е тоа. Одбираш земја, го пакуваш животот и 'тераш'. Си го забораваш овдешниот начин на живот на некои 5 месеци и скокаш во сосема нов свет. Јас ја одбрав Шпанија и студирав во Картагена. Најпрво бев во делириум: Дали ќе се снајдам? Дали ќе успеам? Што ако тргне нешто наопаку? Но тоа чувство замина со првото запознавање на прекрасниот кадар со кој располагаше универзитетот и голема благодарност до професорите и студентите кои секогаш ни беа на располагање и не го штедеа своето време за да ни одговорат на секое поставено прашање со цел да не вратат назад со побогато знаење!
Целиот овој престој поминуваше со запознавање и прифаќање на различни животни навики, различни култури, различен начин на едукација. И секогаш кога беа на видик слободни денови, се спремаш за нови авантури и нови места. Овде беа и многубројните дружења зачинети со Sangria, исто и дружењата на плажа за чие договарање беше потребна само една порака: 'Beach today?'. Ова беше едно прекрасно искуство и еден цел живот стуткан во тие месеци додека траеше мобилноста.
Им препорачувам на сите студенти кои се размислувааат за да станат дел од фамилијата на Еразмус студенти, да ја зграпчат шансата и да уживаат додека трае, а потоа да ни ги раскажат прекрасните доживувања од нивната мобилност. Затоа што ако не излезеш од својата комфорт зона никогаш нема да знаеш колку далеку можеш да стигнеш.