Сашка Стефановска – ФТБЛ
2016/2017 учебна година
Знаете ли дека психолозите всушност го препознаваат таканаречениот пост-еразмус-депрешн синдром? Носители на овој синдром се токму студентите што се вратиле од Еразмус. Но како се добива? Ајде да почнеме од почеток.
Пред пет месеци си го спакував животот во еден голем куфер и решив да го однесам малку на океан, да си ги забрцнам нозете и да си ја пуштам косата на сонце. А каде подобро ако не во Шпанија, во едно градче што има вкус на морска сол и зајдисонца. Тоа е моето Виго, а момците го знаат по Селта, што сега ја носам во срце и со навивачки шал околу вратот.
Му кажавме “Hola!” на универзитетскиот кампус. Горе во планина со мир на прво утринско кафе. И смеа на студенти од различни држави, а заедничка приказна. Таа еволуција на пријателствата од “што час имаме утре” до денешно “ми недостигаш”.Благо се сеќавам на сите Еразмус вечери со топла пица, скара на некое брдо, порака за забава на некоја адреса и град што оживува на полноќ. Морската храна всушност не била толку лоша, иако со балканците мои имавме покушај за бурек со месо и тулумби. (ајварот не ни успеа, да знаете.)
А да не ви зборувам за мојата луда куќа, каде делевме воздух дури осум луѓе. Да, не собираше сите. Мојот омилен момент во денот, се прибираат сите накај 10 часот па збирно место е кујната. Регетон до даска, кафе или пржени компири и милион нови приказни. Со женските мењавме суќнички, а машките ми глумеа постар брат пред некојси дечко. Можеш ли да посакаш покул фамилија? : )
Универзитетските денови ни поминуваа со испиени кафиња пред лаптоп и колективно решавање на задачи. А кога имаше празници, патувавме. Планинарење по Канарските острови со нереални бои и одлично друштво. Костимите за сурфање се убави, ама верувајте е потешко од што изгледа. Па и јужните шпански градчиња со мирис на ароматизирани свеќи, фламенго на улиците и цвеќиња. Ме прашува другарка: “Португалија е сега ова?” – “Шпанија до 11 ипол”. Без граници и каква националност? Мозокот во легенче, да се искорнат стереотипите и другите дамки. Па кога ви викам, ќе се вратите како боље луѓе.
Е сега, знаев дека ова веројатно ќе ми биде добро искуство, ама едно е да знаеш, друго е да го доживееш. Ништо не се споредува. Си ги собрав сите спомени и вредни искуства, ги набутав во куферот но едвај го закопчав. Ама мојот Еразмус не застанува тука. Патувајќи низ Европа кај еразмус пријателите, ќе се сеќаваме на нашите најубави месеци во животот, таму во некој град, на планина или зајдисонце, којзнае..