Сандра Адраманова, Факултет за информатика
Втора година
Ја искористив можноста за студирање во странство, стекнување нови пријателства, искуства и нова култура. Но како?
Преку Еразмус+ програмата. Студент сум втора година на факултетот за информатика “Гоце Делчев - Штип”.
Оваа година добив можност да поминам еден семестар на факултетот за Информатика ‘Babeş Bolyai’ во градот Cluj –Napoca Романија. Незаборавно е искуството кое програмата го нуди. Навидум кратко, но за времето поминато таму успеав да ја откријам личноста во мене за која и не би знаела дека постои, да не бев соочена со новите предизвици и целиот напор за вклопување во една друга околина, различна во секој поглед од онаа во која си пораснал.
Новиот систем на учење, “чудните“ навики и поразличниот стил на живот се само мал дел од поминатите препреки за максимално искористување на времето. Промената те тера да се активираш во процесот кон напредокот и те охрабрува да пробуваш нови нешта и начини за да ја постигнеш посакуваната цел. А секоја цел е само предизвик кој со време прераснува во потреба за друго искуство во друг град или земја.