Младен Мицевски, ФТБЛ
4-та година
Поминав 4 прекрасни ЕРАЗМУС + месеци учејќи хотелска анимација директно од личности кои имаат долгогодишно искуство во оваа професија и кои не се двоумеа да го споделат истото со мене и да ми овозможат повеќе од незаборавен и забавен престој во Шпанија (хотелска анимација и настани во хотелот „Бали”, Беналмадена, Малага). Да се биде аниматор значи да им го исполнуваш слободното време на туристите/клиентите кои се на одмор. Тоа изискува многу енергија, весел и пријателски дух, комуникациски и промотивни вештини, почитување на различни персоналности и определби во текот на целосната работа. Задоволен сум што успеав да ги надоградам и унапредам споменатите вештини и способности. Моите задачи се сведуваа на организирање и изведување на дневна и вечерна анимација (спортско-рекреативни актвиности, прошетки и кратки туристичи тури, демонстрации, презентации, работилници, часови за танц во линија, водење вечерна анимација и вечерни игри, танцови точки за деца и возрасни, шоу-изведби итн.) за различни категории на клиенти на различни возрасти.
Еден од поголемите бенефити беше можеби што како аниматор имав можност да водам разговори со клиентите на еден подруг, понеформален начин, за разлика од останатите туристичко-угостителски работници, и на тој начин успеав да истражувам, а последователно и да дознаам многу за потребите и желбите на клиентите. Искуството е незаменливо, а уште повеќе надоградбата на мојата личност.
Шпанија, особено Андалусија (каде што припаѓа провинцијата Малага), е место каде што „секое камче“ се користи во туристички цели. Успеав да пропатувам низ речиси целиот регион и на тој начин да се сретнам со најразлични форми на туризам и грандиозни архитектонски ремек дела за кои претходно само читав, а истовремено да го согледам начинот на кој истите се вметнуваат во туристичките понуди и условно кажано продааваат, конзервираат и на тој начин обезбедуваат оддржлив развој. Но, во секој случај, една од најзначајните придобивки се воспоставените контакти со моите соработници и надредени, како и многу клиенти, со кои во иднина би можело да се направат различни соработки. Да сумирам, ова е едно од моите најдобри искуства кое имам намера да ги искористам во понатамошното мое студирање и професионално надоградување. И да, секако. Ги охрабрувам сите оние кои што се двоумат или сѐ уште не се заинтересирани за ЕРАЗМУС + размена, да го сменат своето мислење и да аплицираат.