Милена Јованова
Факултет за образовни науки
Мојата Еразмус + мобилност во Торино ( Италија) започна на 1 Февруари 2018, кога за првпат го посетив основното училиште, Итало Калвино во Монкалиери ( Торино) дел од комплексот ИК „НАЗИ“. Оној ден за првпат мојот ментор и координатор Г-ѓа Мирела Џирауд, ми го покажа училиштето и ми ги објасни повеќето од правилата, навиките, целите и полисата на целата воспитна установа. Уште првиот ден ме задолжи за ученици од четврто одделение под менторство на Рафаела Мосо, професор по италијански јазик, историја и географија.
Овде се запознав со деца од 9 годишна возраст, кои со ентузијазам присуствуваа на моите часови по италијански јазик. Нивната жед за нови знаења поврзани со мојата култура и традиција ја изразуваа со многубројни прашања, коишто јас со задоволство ги одговарав. Со ова одделение останав околу 2 месеци, учејќи нови методи за предавање на италијанскиот јазик и граматика, пред се предавањето на глаголите и глаголските форми преку новиот аналоген метод на Камило Бортолато професор по математика, метод којшто подетално ќе го објаснам подолу во извештајот. На почетокот од месец Април, мојот ментор ме задолжи за второ одделение, под менторство на Андреа Сињорели професор по италијански и англиски јазик, со цел да се запознаам со други методи на настава. Учениците од оваа одделение беа добро воспитани и доста интелигентни. Овде го видов истиот метод и истиот пристап кон учениците од страна на наставникот како оној од предавањата по методика во Универзитетот во Штип за време на моите студии од 2013 до 2017 година. Од многуте работи коишто ги видов би сакала да ги издвојам наредбите по Англиски преку едноставни игри ( на пример: Сајмон вели... ) и читањето книги во библиотеката на самото училиште каде што децата имаат можност да слушаат и дискутираат за книги од различни жанрови како и книги со познати наслови како на пример Моби Дик и Жил Верн.
Во месец Мај, преминав во прво одделение во соработка со Аличе Грило, наставник по италијански јазик којашто го користи методот на Бортолато, со цел учениците што побргу да го совладат јазикот ( читање и пишување) Овој метод се состои од аналоген пристап којшто се базира на стратегијата со азбуката која се презентира уште на првиот час целосно, заедно со азбуката за секоја буква се презентираат и слоговите ( Б: Би, Ба, Бо, Бу ).
Секој ученик има мала табла на којашто може да вежба пишување на буквите и слоговите. Глаголите и глаголските времиња подоцна во четврто одделение се презентираат преку „l’armadio dei verbi“ ( Ормарот на глаголи). Со овој метод учениците учат лесно и брзо како да ги изменуваат и користат глаголите.
Во последниот период од моето присуствување во училиштето , ги посетив учениците од предшколска возраст, од 3 до 5 години. Оваа беше период на играње игри, слушање музика и големо искуство со италијанскиот јазик како говорен јазик од страна на деца коишто сеуште не знаат како да зборуваат литературно и коишто сеуште се немат сретнато со граматиката на италијанскиот јазик.
Во периодот на мојот престој во училиштето во Италија се запознав и со работата на Министерството за образование за згрижувањето на децата со посебни потреби. Мојот ментор Мирела Џ. ми објасни дека во Италија уште од 1970 година се работи доста на тој проблем со цел децата редовно да го посетуваат училиштето без никакви проблеми, поради тоа одделенијата за деца со посебни потреби биле откажани, а учениците биле префрлени во редовните државни училишта со цел да се интегрираат и да бидат вклучени во програмата. Во ИК „НАЗИ“ има доста наставници коишто се специјализирани во таа област кои се грижат за децата со посебни потреби коишто присуствуваат и се дел од часовите , а тоа им овозможува да минат што повеќе време со соучениците.
Исто така бев дел и од училишните екскурзии, заедно со другите наставници како во основно така и во училиштето за предшколска возраст, тоа беше голема прилика да го видам пристапот на децата надвор од училиштето, нивното дружење и нивната интеграција во средината. Го имав задоволството да бидам сведок на убавините на Италија како земја, но исто така и да се запознаам подетално со нивната култура и традиција. Посетив доста места како езерото Маџоре, Кралските Градини, Античкиот музеј и многу пократки патувања како изложбата на диносауруси во трговскиот центар на Монкалиери, автроски излагања и ткн. Сметам дека ИК „НАЗИ“ како институт содржи доста подготвени наставници, коишто се покажаа спремни за соработка и добри домаќини. Добив топла добредојденост од секој од нив, помош и поддршка во секоја област, ме направија да се чувствувам како да сум дома. За крај би сакала да изјавам дека моите вештини се доста подобри благодарение на оваа можност да престојувам во училиштето и одблизу да го видам нивниот начин на работа.