Костадинка Стојанова, Факултет за информатика
втора година
Најдобрите работи во животот најчесто не чекаат на излезната рампа од нашата комфор зона. Навистина е невозможно да успеам да сумирам такво огромно искуство во само неколку реченици. Еразмус е едно прекрасно искуство кое ми го промени животот во целост. Дружби, нови запознавања кои прераснуваат во вистински пријателства, патувања, нови искуства и спомени кои траат засекогаш. Студирањето, живеењето и дружењето со други меѓународни студенти ми го прошири мојот хоризонт и ми овозможи да изградам пријателства со студенти од целиот свет. Најважно, ми овозможи да се здобијам со нови знаења и поголема пракса од областа на информатиката.
Како студент на факултетот за информатика при Универзитетот “Гоце Делчев”- Штип имав можност да бидам дел од Еразмус+ програмата, студирав еден семестар на Универзитетот “Kazimierz Wielki”-Бидгошч, Полска. Покрај академскиот потфат и новиот начин на студирање ова искуство опфаќа многу повеќе, толку многу лекции за самиот живот, за луѓето и светот во кој живееме. Да аплицирам за Еразмус беше дефинитивно мојата најдобра одлука. Добив се што очекував да добијам дури и многу повеќе – сеќавања и спомени кои траат вечно.
Топло им препорачувам на сите студенти да ја искористат ова прилика и да бидат подготвени за прекрасни и незаборавни доживувања. Сите убави нешта се проследени со крај, па тоа е и единствената лоша страна на Еразмус- делот кога треба да кажеш збогум.