Ирена Антова
Факултет за медицински науки
Mayo General Hospital е најголемата здравствена установа во Држава Мајо, Република Ирска. Установата има капацитет да прими 306 пациенти, а одделот за Итни случаи има 35,000 пациенти во текот на целата година. Болницата располага со следниве специјалности: Општа хирургија, Општа медицина, Ортопедија, Гинекологија и Акушерство, Педијатрија, Интензивна/ Коронарна нега, Радиологија, Патологија, Анестезија, Палијативна грижа и Итна медицина.
Јас мојата Еразмус+ пракса ја поминав на одделите за Гинекологија и Акушерство, Хирургија и Интерна медицина. На Хируршкиот оддел ги усовршив способностите за решавање на најчестите хируршки проблематики, донесувањето на дијаноза и пред и пост оперативната грижа за пациентот. Исто така асистирав на повеќе операции од абдоминалната и васкуларна хирургија, при што стекнав искуство од хуманата анатомија и различни хируршки техники.
На одделот за Интерна медицина присуствував на утринските посети, а бидејќи мојот тим беше кардиолошки ориентиран се здобив со искуство, особено во дијагностиката и третманот на повеќето кардиолошки болести. Ми беше дозволено да земам анамнеза и извршам клиничко испитување на пациенти прво под супервизија од страна на консултант, а потоа и самостојно.
На одделот за Гинекологија и Акушерство еднаш неделно на утринските состаноци ги презентирав пациентите на мојот тим, а изработував и проекти кои исто така ги презентирав. Ми беше дозволено да асистирам на повеќето од операциите. Овде стекнав искуство во специјалноста на пренаталната клиника, клиниката за гестациски дијабет, ултразвучна дијагностиката и третманот за канцер.
Покрај практичната работа, ја следев и наставната програма во Mayo Medical Academy заедно со ирските и германските студенти каде секојдневно се одржуваа интерактивни предавања. Редовно присуствував и на состаноците од секој оддел соодветно на кои беа презентирани несекојдневни медицински случаи.
Ова Еразмус искуство ми даде можност да се запознаам со здравствен систем кој е различен од нашиот во Македонија, при што ги воочив предностите и недостатоците на двата медицински системи. Стекнав многу нови пријателства и исто така ми овозможи да се развијам лично, културно и се разбира професионално.