Андреј Стоиловски
студент на Економски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“
Извештај за мојот Еразмус+
Драго ми е што аплицирав за Еразмус+. Тоа беше највредната одлука што некогаш ја имам донесено. Иако бев номиниран за Еразмус во Романија и претходно никогаш немав помислено дека ќе поминам извесен период од мојот живот во таа земја за која немав некакво посебно лично мислење, никогаш нема да зажалам затоа што бев токму таму, во областа Трансилванија и во градот Алба Јулија, кадешто пред 99 години Романија се има унифицирано и настана земјата која е и ден денес.
Еразмус беше моето најубаво и најсвето искуство. Запознав другари од повеќе од 15 различни земји, секојдневно зборував на неколку странски јазици кои преку комуникацијата и дружбата континуирано се подобруваа, стекнав нови знаења од областа на економијата и банкарството, научив колку е можно подобро да раководам со моето време, средства и да бидам колку е можно повеќе продуктивен и ефикасен. Запознав различни култури, обичаи и традиции. Беше тоа една Европа спакувана во мала верзија која живее во еден студентски дом. Таму имаше најнезаборавни забави, смеа која сѐ уште одекнува во моите уши, игри и шеги, а се испреплетија и многу животи и судбини, некои студенти станаа најдобри пријатели, а други се заљубија и станаа партнери.
Еразмус е најдобрата одлука која еден студент може да ја донесе. За мене лично Еразмусот не беше само еден период од животот во странство, туку целиот живот во еден семестар. Никогаш нема да ги заборавам искуствата кои ми се случија таму и ме направија уште подобра личност и сега сум целосно сигурен дека знам која е мојата цел во животот, а тоа е да патувам колку е можно повеќе (Еразмусот започна, но никогаш нема да заврши), да се среќавам со моите Еразмус другари, да запознавам и други луѓе од различни средини... и што е најважно од сѐ, да ја ширам добрината, среќата, лојалноста, прифатливоста и благосостојбата кои преовладуваа во текот на мојот семестар во Романија и во “Caminul 2” (Студентски дом број 2). И за крај, најважната лекција која ја научив од ова искуство е дека не е важно каде си, важно е со кого си таму.