Марија Ртоска

студент на ФМН

Удобно ни е во она што сме научени да престојуваме, но тоа нема да не направи похрабри и поснаодливи. Летална е рутината, но затоа излезот надвор од неа може да биде и те како витален. Посебно за еден студент на медицина, чии мисли секојдневно се вртат околу прашањето „дали ќе бидам добар лекар“? Па секој што е расположен за екстра, супер, мулти знаења треба да ја проба Еразмус+ мобилноста во некоја од државите на располагање. Затоа што нема таква која нешто ќе ви одземе, напротив само плус од себе ќе даде за да се збогати умот со знаења од областа која нѐ интересира.

Поминав скоро 5 добри месеци во Чешка, во Храдец Кралове, на Карловиот универзитет, поточно на медицински факултет. Добрата организираност на предавањата и практичниот дел ми овозможи да ги насочам моите одговорности во правец на поефикасно учење. Преку идејата за „brain-storming“, што нам „медицинарите“ ни доаѓа во прилог секогаш да помислуваме на повеќе нешта за иста сомнителност, налетав на една добра алатка, таму често користена, за меморизација на нештата кои секако ќе ми бидат потребни во иднина. Факултетската клиника располага со персонал кој беше максимално посветен на нас и споделуваше информации кои се корисни и значителни, сето тоа на несебичен и пријателски начин, со слободен простор за прашање и разјаснување на нејаснотии. Во склоп на одделите на клиниката се запознав со нешта со кои досега се немав сретнато, што го објаснува фактот на подготвеност на институцијата. Најголемото нешто што можам да го кажам е дека повторно би сакала да учам по истиот тамошен принцип.

Но секако дека слободното време, исто така, беше соодветно пополнето. Патувања, дружби, смеа и многу нови познанства. Ова нека бидат клучни зборови кои го рефлектираат Еразмус+ искуството надвор од едукационите рамки. Жал ќе му биде на човека ако појде во Чешка, а не ја посети Прага. Градот кој денски и сам не може да го изброи бројот на свои посетители, а ноќе опива во она средовечно руво кое зборува само за себе под рефлекторите кои го прават уште побожествено. Секако и помалите градови во Чешка се, исто така убави, чиниш се потомци на убавата Прага кои носат слични сегменти од типичната архитектура. Имав шанса да ја искачам Снешка, највисоката планина во Чешка, на ниво од 1602м надморска висина. Можеби е мал залак за искусен планинар, но затоа е топло добредојде за чист воздух и бројни воздишки од висина. Ако се зборува за забавите, дружбите, игрите не би ми биле доста уште три дена и три ноќи, тоа меѓу младите секако се подразбира... Една фраза може да опише сѐ: „никогаш досадно“.

Човек само треба да се опушти, да го ужива животот и да не се грижи за надворешниот свет и неговите странски јазици. Но исто така треба и да не се колеба, да ја посети Еразмус+ канцеларијата, да аплицира и да го следи ритамот на останатите Еразмус+ студенти. Зашто едноставно, вреди да се проба.

Our Location

Get in Touch